Во скоро време ќе стапи на сила нова регулатива со која целосно ќе се забрани употребата на мобилни телефони во основните училишта, и тоа и за време на наставата и за време на одморите. Ова го најави министерот за образование Фукс во интервју за RTL, нагласувајќи дека целта е да се врати фокусот на учениците кон учењето и социјалната интеракција.
„Многу наскоро ќе имаме регулатива што дефинитивно ќе ја забрани употребата на мобилни телефони во основните училишта, за време на часовите и надвор од нив“, изјави министерот.
Во средните училишта, правилата ќе бидат помалку строги – мобилните телефони ќе бидат забранети за време на часовите, освен ако наставниците не ги користат за образовни цели, но дозволени за време на одморите, поради практични и организациски причини.
Можна и поширока законска забрана за малолетници
Министерот откри дека се размислува и за законско ограничување на користењето мобилни телефони од страна на малолетници, по моделот на забраните за алкохол и цигари, но нагласи дека тоа бара широк општествен консензус. „Правните решенија се едноставни, но потребен е поширок дијалог и согласност во општеството“, рече Фукс.
„Проблемот не се само уредите, туку и социјалните мрежи“
Фукс истакна дека вистинскиот предизвик не е самиот телефон, туку содржините и времето поминато на социјалните мрежи, кои силно влијаат врз менталното здравје на децата. „Имам внуци тинејџери кои поминуваат премногу време пред екрани. Некои родители поставуваат јасни граници, други не. Ако нема родителска контрола, тешко е да се спроведе каква било забрана“, предупреди министерот.
Тој потсети дека платформите како TikTok имаат возрасни ограничувања од 13 години, но во пракса ретко кој ги почитува.
Нови правила и за оправдувањата на учениците
Покрај забраната на мобилните телефони, Министерството подготвува и измени во правилата за оправдување на отсуства. Поради големиот број изостаноци, особено во периоди на тестирања, се разгледува ограничување на родителските оправдувања на два до три пати по полугодие.
„Забележавме дека оправданите отсуства драматично се зголемија, често токму во деновите на најавени тестови. Затоа размислуваме за комбиниран систем во координација со Министерството за здравство“, појасни Фукс.
Со овие мерки, властите сакаат да го вратат редот во училиштата, да го намалат влијанието на технологијата врз децата и да создадат посредина во која вниманието ќе биде насочено кон учењето и личниот развој.
















