Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека неодамна воведените санкции од страна на Европската Унија и Соединетите Американски Држави ќе ѝ нанесат на Русија економска загуба од најмалку 50 милијарди долари (43,2 милијарди евра) годишно, пренесува „Укринформ“.
Врз основа на извештајот на шефот на украинската Служба за надворешно разузнавање, Олег Ивашченко, Зеленски истакна дека овие мерки веќе го ослабуваат рускиот енергетски сектор и значително го ограничуваат финансирањето на воените активности на Москва.
„Имаме детални разузнавачки податоци за ефектите од новите санкции врз руската воена машинерија. Веќе гледаме пад на приходите на руските нафтени компании, а доколку се одржи постојаниот притисок, Русија ќе изгуби најмалку 50 милијарди долари годишно само од последните мерки,“ изјави Зеленски.
Тој додаде дека Украина постојано ја координира својата комуникација со партнерите, подготвувајќи нови предлози за санкции против поединци и компании кои ѝ помагаат на Русија да го избегнува економскиот притисок. „Нашите партнери ги разгледуваат и прифаќаат голем дел од нашите препораки. Особено е важно целосно спроведување на мерките против руската флота танкери, која сè уште е клучна за извозот на нафта“, нагласи Зеленски.
Тој исто така изрази надеж дека следниот бран санкции ќе биде уште построг и дека меѓународната заедница нема да дозволи Москва да најде алтернативни извори на приходи. „Количините нафта што арапските земји ги испорачуваат на глобалниот пазар можат да спречат каква било дестабилизација или раст на цените што Русија се обидува да ги искористи како алатка за притисок,“ рече тој.
Паралелно, Европската Унија на 23 октомври го одобри 19-тиот пакет санкции против Русија, што го објави високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас. Пакетот опфаќа ограничувања кон руските нафтени компании, транспортни оператори и енергетски посредници, како и забрани за увоз и извоз на чувствителни технологии.
Во исто време, Министерството за финансии на САД воведе дополнителни санкции против „Роснефт“ и „Лукоил“, барајќи од Москва веднаш да прифати прекин на огнот во Украина.
Зеленски претходно нагласи дека новите американски санкции воведени од претседателот Доналд Трамп би можеле да ги намалат руските приходи за околу 5 милијарди долари месечно, што дополнително ќе ја продлабочи економската криза во Русија.
Со комбиниран притисок од ЕУ, САД и нивните партнери, Украина верува дека Москва постепено ќе остане без клучни ресурси за финансирање на војната и ќе биде принудена да седне на маса за преговори.
Не дознавај последен - читај ПРВ.мк















