Утре православните верници ќе го одбележат споменот на Светиот апостол и евангелист Лука, еден од седумдесетте ученици на Христос. Тој бил лекар, мисионер и уметник, а Црквата го смета за заштитник од болести и донесувач на спокојство во домовите.
Свети Лука е човекот кој го напишал Евангелието според Лука, дело во кое, според црковното предание, ги запишал зборовите што лично му ги раскажала Пресвета Богородица за животот на Исус Христос. Благодарение на неговата исклучителна надареност, се смета дека тој е првиот кој ја насликал иконата на Богородица, како и иконите на Светиот апостол Павле и Светиот апостол Петар.
Роден во Антиохија, Свети Лука уште од младост се истакнал со љубов кон науката. Изучувал медицина и живопис (ликoвна уметност), а подоцна станал верен соработник на Светиот апостол Павле, со кого го ширел Христовото учење низ светот.
Според христијанската традиција, се верува дека оној што ќе го почитува Свети Лука со чисто срце и молитва, ќе биде благословен со здравје, мир и благосостојба во домот, бидејќи светецот ги лекува и телесните и духовните болести.















