Фудбалскиот клуб Реал Мадрид се соочува со голем проблем откако беше потврдено дека Едуардо Камавинга нема да игра до крајот на сезоната поради сериозна повреда на мускул од бутот на левата нога. Повредата ја заработил за време на натпреварот против Хетафе, кој „кралевите“ го добија со 1:0.
Како што објави шпанската Марка, францускиот репрезентативец ќе мора да паузира најмалку два месеца, а можно е и до три, што значи дека сигурно го пропушта остатокот од сезоната, вклучувајќи ги и клучните натпревари во Ла Лига против Барселона, како и финалето на Копа дел Реј – исто така против каталонскиот ривал.
Оваа повреда, освен што ќе го оддалечи од клупските обврски, ќе му го одземе и настапот на Светското клупско првенство, како и на завршницата на Лигата на нации со Франција.
За Камавинга, ова е горчлив крај на веќе тешка сезона обележана со бројни повреди. Сè започна уште во август со повреда на коленото, по што го пропушти Европскиот Суперкуп и беше надвор од терените повеќе од еден месец. Во декември и јануари, поради мускулни проблеми, пропушти вкупно осум натпревари и тешко се враќаше во ритам.
Иако досега забележа 34 настапи за Реал Мадрид во сите натпреварувања, честите паузи влијаеја врз неговата форма – а оваа најнова повреда го отстранува од сите планови до лето.