Авторот Ѓорги Минов со коавторскиот истражувачки тим составен од двајца стручни соработници Томислав Шескокалов и Ристо Сугарев како и рецензентот м-р Димитррија Андонов за прв пат на Велес му подарија исклучително значајно пишано дело поточно Монографија за најмасовната спортска дисциплина, фудбалот во Велес. На 206 страници, во колор техника, оваа значајна книга, опширно и сеопфатно го обработува во детали фудбаскиот живот на десетици истакнати фудбалери во генерациите, од 1919 до 2019 година, кои играле на игралиштата во Велес, во државата и во странство, ги бранеле боите на државата со игра или во тренерското столче на македонската репрезентација или биле Велешани кои вложиле дел од својот живот во развојот на оваа спортска дисциплина. Историската Монографија содржи и голем број на фотографии, сочувани од спортистите, од ветераните, спортските легенди, судии кои се живи или од семејствата на дел од нив кои не доживеаја да бидат современици на издаденото книжевно дело како и од бројни пријатели на фудбалот на кој Велешани му го даваат почесното прво место во сооднос со останатите спортови.

Монографијата „100 години фудбал во Велес“ вчера вечер беше промовирана во хотел Романтик, на езеро „Младост“ во присуство бројни фудбалери, велешки фудбалски ветерани, легенди, спортски функционери и поддржувачи. Авторот Ѓорѓи Минов ја имаше улогата на промотор.
Претседателот на Синдикатот на фудбалери, Панче Ќумбев е уредник на изданието. За Ќумбев целта на издавањето на монографијата е да ја прикаже историјата на фудбалот во Велес и да им остави во наследство на помладите генарции значајни податоци и фотографии за развојот и постигнувањето на спортот којшто одбележува повеќе од еден век постоење во градот.
Првите честитки за издавањето на Монографијата, за авторот, за уредникот и за стручните соработници стигнаа од поранешниот фудбалер, велешка и македонска легенда Мирсад Јонуз кој во своето обраќање истакна дека голема сатисфакција за него претставува што е дел од велешката фудбалска историја.
Своето задоволство од историскиот исчекор, да се забележи се што се случувало во фудбалот во Велес од неговите почетоци се до 2019 година, го соопшти и велешката фудбалска легенда Перо Ранготов.
Помеѓу присутните на синоќешната промоција беа и најсестраната спортска велешка легенда Тодор Мијаков, нешто помладата фудбалска легенда Трајче Ковачев потоа уште помладите Пепи Манасков и Мирсад Јонуз, како и бројни други познати фудбалери, судии, спортски работници, коишто се сеуште актуелни или се ветерани.






Монографијата „100 години фудбал во Велес“ е издадена во 300 примероци.