Само неколку недели пред стартот на Зимските олимписки игри Милано–Кортина, скијачките скокови се најдоа во центарот на една од најчудните контроверзии досега. Обвинувањата што кружат низ спортската јавност предизвикаа шок, смеа, но и сериозна загриженост кај надлежните институции.
Според пишувања на странски медиуми, дел од елитните ски-скокачи наводно користеле естетски медицински интервенции за да стекнат предност при официјалните мерења на телото и опремата. Се тврди дека преку вбризгување хијалуронска киселина во препонскиот дел се менувале телесните пропорции, кои подоцна се регистрираат при 3Д-скенирањето. Скандалот веќе неофицијално е наречен „пенисгејт“.
Во овој спорт, секој сантиметар има значење. Телесните мерки директно ја одредуваат дозволената големина на оделото, а поширокото одело може да донесе подобар аеродинамичен ефект и подолг лет. Иако правилата се строги, постои сомнеж дека некои спортисти се обидуваат да ги искористат слабостите на системот.
Слични сомнежи постоеле и порано – за влошки, силиконски додатоци и технички измени на оделата – но ова е првпат фокусот да биде ставен на директна интервенција врз телото.
Меѓународната скијачка федерација потврди дека ги преиспитува протоколите и најави построги контроли и попрецизни методи на мерење. Дел од скокачите ги отфрлаат обвинувањата како апсурдни, но истрагата продолжува, оставајќи го спортот под сенка на еден навистина необичен скандал.

















