Она што беше најавувано како историски милионски трансфер за македонскиот фудбал – пропадна. Напаѓачот на Вардар, Роџерс Мато, нема да се пресели во американскиот Спортинг Канзас, иако од „црвено-црниот“ клуб јавно објавија дека понудата е прифатена.
Од Шкотска стигна ладен туш. Клубот Хартс од Единбург соопшти дека воопшто не е загрижен од најавите од Скопје, бидејќи, според нив, Мато веќе има потпишано преддоговор со нив и од јули ќе стане нивен фудбалер – без Вардар да добие ниту денар обесштетување.
Според информациите од шкотскиот клуб, Хартс минатата недела се обидел да ја забрза зделката и понудил 300.000 фунти за Мато веднаш да се пресели во Шкотска, но таа понуда била експресно одбиена од Вардар.
„Имаме потпишан договор со играчот и целосно сме мирни околу целата ситуација“, изјави портпарол на Хартс, со што јасно стави до знаење дека клубот од Единбург ја држи контролата.
Случајот отвора сериозни прашања: дали Вардар ќе остане без најавуваниот милион и дали јавноста беше доведена во заблуда со големите најави за трансфер што никогаш немал реална основа.

















