Реал Мадрид во офанзива: Четири засилувања пред Светското клупско првенство
Реал Мадрид интензивно се подготвува за претстојното Светско клупско првенство, кое ќе се одржи следниот месец, со план да донесе вкупно четири нови засилувања во своите редови.
Првото големо име е Трент Александер-Арнолд, кој доаѓа од Ливерпул како слободен агент. Иако трансферот е договорен, сè уште не е потврдено дали англискиот клуб ќе дозволи негово предвремено приклучување на „кралскиот“ состав за учество на турнирот.
Веќе официјално претставен е и новиот централен дефанзивец Дин Хаусен, кој пристигнува од Борнмут за сума од 50 милиони фунти, колку што изнесуваше и неговата откупна клаузула.
Шпанските медиуми пренесуваат дека мадридскиот гигант е во завршна фаза од преговорите со Алваро Карерас, лев бек на Бенфика, со што би се комплетирало сериозно реновирање на одбранбената линија.
Покрај засилувањата во дефанзивата, на „Сантијаго Бернабеу“ се работи и на враќање на Нико Паз во средниот ред. Младиот играч беше продаден на италијанскиот Комо за 6 милиони евра, но Реал има клаузула за откуп од 9 милиони евра, која клубот реши да ја активира, според информациите на „Кадена Копе“.
Со овие чекори, Реал Мадрид ја зацврстува својата позиција и амбиции на светската сцена, подготвувајќи квалитетен состав за престижниот турнир.