Фудбалската федерација на Македонија донесе солидарна одлука – сите средства од продажбата на билетите за квалификацискиот натпревар против Велс ќе бидат донирани.
Оваа иницијатива доаѓа како знак на почит кон жртвите од трагедијата во ноќниот клуб во Кочани, каде што животот го загубија 59 лица. Очекувањата се дека на трибините на Арената „Тодор Проески“ ќе има околу 20.000 навивачи.
Претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, лично купи 300 билети со цел да ги донира, а спортскиот директор Горан Пандев набави уште 100.
Дополнително, ФФМ испрати покана до сите основни училишта во Македонија, овозможувајќи им на учениците бесплатно да го следат натпреварот и да бидат дел од оваа акција.