На денешното Редовно Изборно Собрание на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), претседателот Масар Омерагиќ зборуваше за состојбата во федерацијата и финансиските предизвици со кои се соочуваат.
Омерагиќ истакна дека бил свесен за предизвиците кога ја презел функцијата, но затекнатата ситуација била далеку покомплицирана од очекуваното. Според него, во изминатите две години, федерацијата работела со поголеми расходи отколку приходи, што резултирало со финансиски минус од еден милион евра.

„Факт е дека во изминатите две години федерацијата имала повеќе расходи отколку приходи. Само во реалното работење во последните две години, федерацијата е во минус од еден милион евра“, изјави Омерагиќ.
Сепак, тој нагласи дека приоритет е иднината, а не минатото, и дека ФФМ ќе се фокусира на подобрување на состојбата и стабилизирање на финансиската структура.

„Наместо да се навраќаме на минатото, наша должност е да гледаме напред и да работиме на подобрување на состојбата“, додаде претседателот на ФФМ.
Собранието на ФФМ беше одржано во клучен момент за македонскиот фудбал, со оглед на тоа што финансиската стабилност на федерацијата е важен фактор за развојот на спортот во земјата.