Русија не мора да го „прифати или отфрли“ испраќањето на сојузничките сили во Украина, доколку Киев побара да се гарантира евентуалниот мировен договор, изјави францускиот претседател Емануел Макрон во интервју за француските медиуми.
Во интервјуто објавено денеска, францускиот претседател наведува дека засега нема намера да се „меша“ во дијалогот меѓу САД и Русија.
Од друга страна, „од моментот кога ќе влеземе во оваа фаза од прекинот на огнот“ предложена од Вашингтон и Киев, според Макрон, ќе бидат неопходни директни контакти со неговиот руски колега Владимир Путин и меѓу француските и руските преговарачи за да се разјасни прашањето за безбедносните гаранции што треба да и се дадат на Украина.
Откако на 20 јануари се врати во Белата куќа американскиот претседател Доналд Трамп ја истакна својата желба да стави крај на конфликтот, три години по нападот на Русија врз Украина, и направи импресивно зближување со господарот на Кремљ. По фазата на максимална тензија, Американците и Украинците го продолжија дијалогот оваа недела, предлагајќи едномесечно примирје, кое Кремљ сè уште не го прифати, потсетуваат француските медиуми.
„Ова е моментот на вистината, бидејќи ако Русија не е искрено посветена на мирот“, изјави Макрон, „претседателот Трамп ќе ги заостри санкциите и контрамерките и така целосно ќе ја промениме динамиката“.
Шефот на француската држава додаде дека „неколку европски и неевропски земји изразиле подготвеност да се приклучат“ на можното распоредување на војници во Украина за да се обезбеди иден мировен договор со Русија. Ова би вклучило неколку илјади луѓе да бидат распоредени „во клучните точки, да спроведуваат програми за обука“ и „да ја покажеме нашата поддршка на долг рок“, додаде тој.
Француските медиуми потсетуваат дека досега Москва цврсто беше противб ваквото распоредување мировни сили во Украина