Репрезентацијата на Македонија денеска беше поразена со минимални 1:0 од соодветната селекција на Албанија во рамките на вториот контролен натпревар што го одиграа овие две селекции во Корча.
Вториот тест меч помеѓу Албанија и Македонија по многу нешта наликуваше на првата пресметка помеѓу овие две селекции. Динамичен натпревар со многу борба, трчање, но без премногу шанси за гол.
Голот за победа, домаќините го постигнаа во 73. минута преку Красниќи. Избраниците на селекторот Ерхан Селими може да жалат за пропуштените прилики во второто полувреме. Цека ја имаше најдобрата можност за Македонија, по нафрлената топка биеше со глава, но ја погоди стативата. Одбиената топка се врати до истиот играч кој со нога биеше од 5 метри, но беше непрецизен. Младеновски ја имаше втората добра прилика, испрати прецизен удар од 16. метри, но немаше среќа, погодувајќи го дирекот на голот.
Во првиот контролен дуел помеѓу овие две репрезентации во Корча, Албанија и Македонија одиграа нерешено без погодоци 0:0.
Контролен натпревар во Албанија, Корча;
Репрезентации до 19 години;
Албанија – Македонија 1:0 (0:0)
МАКЕДОНИЈА: Павел Трајковски, Горазд Ристовски, Абдула Аслани, Давид Стојаноски, Каменчо Андоновски, Златко Радески, Андреј Мурџески, Назиф Цека, Албион Мусли, Јасин Рашани, Анастас Арнаудовски;
Резерви: Давид Илоски, Александар Балев, Бојан Затуроски, Лука Атанасовски, Адмир Љатифи, Хисар Али, Стефан Младеновски, Ариф Локи, Емир Шаботиќ, Здравко Перески, Игли Хасани, Аритон Мехмед;
Селектор: Ерхан Селими;