ПРВ.мк

80 години Битолска библиотека: Панел дискусија за значењето на книгата во дигиталната ера

80 години Битолска библиотека: Панел дискусија за значењето на книгата во дигиталната ера
VERO Banner

Во Офицерскиот дом во Битола се одржа панел дискусија посветена на значењето на библиотеките за културниот и образовниот живот во заедницата, во чест на 80-годишниот јубилеј на Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола.

Настанот е дел од проектот „Промовирање на значењето на библиотеката како културна и образовна институција во заедницата – 80 години постоење на Битолската библиотека“, а на него учествуваа бројни панелисти од сферата на образованието, локалната самоуправа и културата.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, во своето обраќање истакна дека библиотеките имаат клучна улога во воспитувањето на младите и во градењето на свесна и образована заедница. Тој се присети на сопственото детство, кога посветеноста кон читањето била секојдневие, и нагласи дека и денес е неопходно да се поттикнува љубовта кон книгата, особено кај младите генерации.

„Во време кога доминираат електронските уреди, радува фактот што децата сè уште читаат. Библиотеката е не само место за познавање на светот преку книгите, туку и за враќање на спомените“, рече Коњановски.

Настанот го отворија директорката на библиотеката, Емилија Стефановска Давкова, и координаторката на проектот, Фатма Бајрам Аземовска. Свои обраќања имаа и ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски, како и повеќе професори, библиотекари и експерти од различни области.

Посебен акцент беше ставен на предизвиците и можностите што ги носи дигиталната трансформација во библиотекарството. Викторија Брдаровска, претседател на Локалниот младински совет на Битола, говореше за „Младинската перспектива: дигитална трансформација и мотивација на млади корисници“, нагласувајќи дека библиотеките треба да се прилагодат на современите технологии за да останат релевантни за младите.

Со овој настан, Битолската библиотека го одбележа значајниот јубилеј, но и испрати порака дека книгата, и покрај дигитализацијата, останува непроценлив извор на знаење и инспирација.

Agria
Stenton
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран