Премиерот Христијан Мицкоски денес изјави дека од април ќе започне исплатата на новата минимална плата, која ќе биде зголемена за околу 2.200 денари во однос на сегашната минимална плата.
Тој додаде дека доколку во следните месеци се постигне договор помеѓу работниците и работодавачите за поголем износ, ќе бидат направени законски измени и дополнителни усогласувања.
„Денес имаме владина седница, разговарав со министерот за економија и ќе подготвиме информација. Според Законот, минималната плата ќе биде зголемена на 24.400 денари, така е предвидено според Законот“, изјави Мицкоски.
Премиерот истакна дека во моментов не постои репрезентативен синдикат во Економско-социјалниот совет и дека е формирана комисија која ќе ја утврди репрезентативноста.
„Се надевам дека наскоро, кога ќе бидат утврдени репрезентативните претставници на работниците, тие заедно со работодавачите ќе постигнат согласност, а ние ќе го почитуваме тој договор. Ако се договорат за поголем износ, ќе го промениме Законот и ќе направиме дополнителни усогласувања“, нагласи Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето на камен-темелникот на мега-паркот во Радишани.