Стоперот на Реал Мадрид, Антонио Ридигер, денеска успешно беше опериран поради делумно пукање на надворешниот менискус на левата нога.
Реал Мадрид преку својата официјална веб-страница објави дека Ридигер морал да се подложи на хируршки зафат по повредата која ја здоби во финалето на Купот на кралот, за време на продолженијата.
Операцијата ја изведе доктор Мануел Лејес, под надзор на медицинската служба на Реал Мадрид. Се очекува германскиот репрезентативец да биде надвор од терените од шест до осум недели.
Во последниве денови, Ридигер е во центарот на вниманието на медиумите и поради скандалот кој го предизвика за време на Ел Класико – финалето на Купот на кралот против Барселона, кога го гаѓаше судијата со шише вода и се обиде физички да се пресмета со него, притоа упатувајќи му тешки навреди нарекувајќи го „ку*ин син“.
За Ридигер оваа сезона е дефинитивно завршена, што претставува сериозен удар за Реал Мадрид во завршницата од првенството и борбата за титулата со Барселона.
Реал, пет кола пред крајот на сезоната, има четири бода помалку од Барселона и се наоѓа во незгодна позиција кога станува збор за трката по шампионскиот пехар.