Тренерот на Баер Леверкузен, Чаби Алонсо, се наоѓа пред заминување од германскиот клуб ова лето, бидејќи е многу блиску до трансфер во Реал Мадрид и преземање на кормилото од Карло Анчелоти како слободен тренер – благодарение на посебната клаузула во неговиот договор.
Иако се очекуваше дека Реал Мадрид ќе доминира на европската сцена по доаѓањето на Килијан Мбапе, клубот се најде во незавидна позиција, со оглед на тоа што може да остане без трофеј доколку не дојде до пресврт во борбата за титулата со Барселона во Ла Лига. Во светло на тие резултати, раководството на клубот е решено да се раздели со актуелниот тренер Анчелоти, кој сезонава беше под оган од критики, и да му го довери тимот на Алонсо.
Иако Алонсо има договор со Леверкузен до 2026 година, според информации што ги пренесува Sky France, постои специјална клаузула која му дозволува да го напушти клубот ако добие повик од Реал Мадрид.
Преговорите помеѓу Алонсо и управата на Реал сè уште траат. Иако неговото доаѓање на клупата на „кралскиот клуб“ се смета за речиси сигурно, сè уште има неколку детали што двете страни треба да ги усогласат. Според истиот извор, се очекува Алонсо да потпише двегодишен договор.
Откако ќе ја преземе екипата, шпанскиот стратег го чека сериозен предизвик – тимот моментално е тактички неурамнотежен, а недостатокот на хемија и воиграност меѓу играчите претставува значителна пречка на патот кон успехот.