Битола ќе биде домаќин на уште еден значаен спортски настан, кој ќе привлече внимание од целиот регион. Сениорската женска ракометна селекција на Македонија, во сабота, 12 април 2025 година, со почеток во 19:00 часот, ќе го одигра квалификацискиот натпревар за Светското првенство во ракомет, против селекцијата на Полска. Натпреварот ќе се одржи во Спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола, каде љубителите на ракометот ќе имаат можност да уживаат во натпревар од светска класа.

„Овој натпревар е не само спортски настан, туку и прилика за граѓаните на Битола да покажат солидарност и хуманост. Продажната цена на влезниците за натпреварот ќе биде 100 денари, а средствата ќе бидат донирани за настраданите во Кочани“, изјави Тони Коњановски, градоначалник на општина Битола.
Тој посочи дека Битола, како град со традиција на спортски успеси, повторно ќе ја покаже својата посветеност на спортот и хуманоста, преку организирање на овој важен настан. Битолчани ќе имаат уникатна шанса да го гледаат натпреварот од светски рамки и да придонесат за помош на оние кои имаат потреба.