Селекциите на фудбалските ѕвезди од Бугарија и Македонија на 27 април во 15 часот на стадионот на Спартак во Варна ќе одиграат хуманитарен натпревар, а средствата ќе бидат донирани за семејствата на настраданите и повредените во големата трагедија во Кочани.
Ваквиот натпревар ќе се одигра на иницијатива на Фондацијата „Национали 94“ во која членуваат бугарските репрезентативци од Светското првенство во 1994 година, кога нашите источни соседи го постигнаа најголемиот успех. Ќе настапат голем број играчи кои завршија како четврти на СП 1994 година во САД.
Тоа се Христо Стоичков, Борислав Михајлов, Емил Кременлиев, Златко Јанков, Емил Костадинов, Јордан Лечков, Наско Сираков, Даниел Боримиров, Пламен Николов, Бончо Генчев, Ивајло Јорданов, Илијан Кирјаков, Петар Михтарски, Петар Георг Александриков, Георги Георгиев, Красимир Балаков и Иваило Андонов кои според бугарските медиуми го потврдија своето учество.
На натпреварот за Бугарија ќе настапат и поранешните репрезентативци Радостин Станев, Елин Топузаков, Гошо Гинчев, Станислав Ангелов4, Дончо Донев, Александар Александров-Кривија, Мартин Камбуров и Валери Божинов.
Македонија уште го крои тимот и прави листа со кои ќе се појави во Варна, а она што е сигурно е дека тренер ќе биде најтрофејниот Ѓоко Хаџиевски. Главна ѕвезда во тимот ќе биде легендата Горан Пандев кој сега е во улога на функционер во ФФМ, а се очекува да играат повеќе познати имиња од генерациите од осамостојувањето.