Вистинска драма се одвивала синоќа во скопската населба Козле, откако низ улиците бил забележан волк со синџир и каивче околу вратот, за кој постојат сомнежи дека некој го чувал како домашен миленик.
По пријава од загрижени граѓани, на терен веднаш интервенирале полициски екипи, а набрзо пристигнале и стручни лица од Зоолошката градина во Скопје, заедно со претставници од Град Скопје. Животното било успешно и безбедно заловено, без никакви последици за граѓаните.
Од ЗОО Скопје информираа дека волкот бил мирен и питом, а во моментов е пренесен во зоолошката градина каде што ќе биде под постојан надзор и грижа. Во следниот период животното ќе помине време во карантин, при што ќе му бидат направени здравствени проверки и дополнителни анализи.
Случајот предизвика огромно внимание и реакции на социјалните мрежи, особено поради фактот што животното било затекнато со синџир, што според надлежните укажува дека било чувано во заробеништво.
Од ЗОО Скопје уште еднаш апелираа граѓаните да не чуваат диви животни како миленици, посочувајќи дека тоа е забрането и опасно и за луѓето и за самите животни. Според нив, волците имаат природни инстинкти и потреби кои не можат да се исполнат во домашни услови.
За целиот настан се огласи и Тина Мицковска од ЗОО Скопје, која откри дека животното се појавило токму пред нејзината зграда во Козле.
Таа напиша дека волкот бил исплашен, но мирен, а дури земал и грицки кои му ги понудила. Според неа, животното веројатно избегало од место каде што било несоодветно чувано на синџир.
Мицковска упати благодарност до полицијата, Град Скопје и колегите од зоолошката за брзата и координирана интервенција, благодарение на која волкот бил безбедно фатен и пренесен во ЗОО Скопје.
Во меѓувреме, на социјалните мрежи се појавија и коментари од граѓани кои тврдат дека можеби не станува збор за вистински волк, туку за чехословачки волчјак – раса на куче која многу наликува на волк. Од ЗОО Скопје засега не ја исклучуваат таа можност, но велат дека според првичните проценки, животното повеќе наликува на волк.
Засега нема официјални информации кој го чувал животното и од каде точно избегало, а случајот и понатаму го следат надлежните институции.









