Град Скопје денеска организира бесплатен организиран разглед на Матка и пештерата Врело, нудејќи им на граѓаните можност одблизу да ги откријат природните богатства и убавините на овој дел од градот.
Од Град Скопје посочуваат дека идејата за настанот произлегла од неодамнешниот истражувачки подвиг во Врело, со цел ова природно богатство да им биде подостапно на граѓаните и да се поттикне интересот за негово запознавање.
„Инспирирани од неодамнешниот истражувачки подвиг во Врело, сакаме ова наше природно богатство да го доближиме до граѓаните. Зашто гордоста е уште поголема кога лично ќе го запознаеме она што го имаме! Величествени карпи, мирна вода и глетки што оставаат без здив – Матка е место каде што градската врева ѝ отстапува простор на природата. А Врело, со својата убавина и таинствените длабочини, е уште една причина да го погледнеме Скопје со восхит“, велат од Градот.
За учесниците е обезбеден бесплатен автобуски превоз, а разгледот ќе го води професионален туристички водич од Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници. Посетителите ќе имаат можност да дознаат повеќе за природните особености на Матка и Врело, како и за нивното значење како едни од препознатливите природни богатства на Скопје.
Поаѓањето на автобусот е закажано за 10:00 часот, пред Порта „Македонија“.
Заинтересираните граѓани можат да го пријават своето учество на телефонскиот број 072 213 692.









