Во два парка во населбата 11 Октомври – Бараки денеска беа засадени 80 високостеблести дрвја во чест на прерано починатото дете Мартин, жител од овој дел на Кисела Вода. Акцијата за пошумување беше организирана од општината во соработка со фондацијата „Мартин Здравковски“, компанијата „Сетек“ и Централна Кооперативна Банка.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски истакна дека овој настан е дел од пошироката еколошка стратегија на општината, која досега има зголемено зелени површини за 80.000 квадратни метри.
„Секое дрвце што го садиме е чекор кон поздраво и поквалитетно секојдневие. Особено сум благодарен на фондацијата ‘Мартин Здравковски’ што се приклучи и помогна да создадеме траен и значаен спомен,“ изјави Ѓорѓиевски.

Новите дрвја се засадени во новооформениот парк и во Паркот на шахот, со што се збогатува зеленилото и се подобрува просторот за одмор и рекреација на граѓаните. Настанот беше симболично обележан и со присуство на родителите на Мартин.
Ѓорѓиевски додаде дека ова е доказ како со заедничка акција на институции, компании и граѓани може да се создаде позелена и поубава општина.