По долги години без вистински саемски простор, Владата на Република Македонија ја разгледува можноста за изградба на нов, модерен саемски комплекс во главниот град.
На вчерашната средба меѓу директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Ивица Томовски, и претставници на компанијата „Скопски саем“, се дискутирале можни локации, инфраструктурни решенија и идните чекори кон реализација на овој значаен проект.
„Враќањето на ‘Скопски саем’ во сопствен објект не само што ќе ја оживее економската активност, туку и ќе го зајакне регионалниот и меѓународниот профил на Македонија како важен трговски и деловен центар“, изјави Томовски по средбата.
Од страна на „Скопски саем“ беше изразена подготвеност за соработка со државните институции во процесот на подготовка и реализација на проектот.
„Саемите се многу повеќе од обични изложби. Тие се двигатели на економијата, алатки за промоција на домашните производи, но и средби каде се отвораат нови бизнис можности и соработки. Недостигот од соодветен простор последниве години е сериозен хендикеп за нашата земја“, нагласи директорката на „Скопски саем“, Даниела Глигоровска.
Таа додаде дека со изградбата на модерен саемски објект, Македонија ќе може повторно да се позиционира како важен играч на балканската саемска мапа.
Жителите на Скопје се израдуваа на најавата од Владата.
Жителите сметаат дека ова ќе биде добра инвестиција.
„Конечно! Главен град без саем, единствен во регионот. Само ние трампавме саем за застарен концепт на мол-лименка и станбени згради! – гласи еден од коментарите на темава.
Некои сметаат дека овој комплекс треба да биде надвор од Скопје.