Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес објави јавен повик за доделување на еднократна парична помош од 2.500 денари за жртви на семејно и родово базирано насилство. Оваа мерка е дел од Програмата за еднакви можности за 2025 година и претставува конкретен чекор во правец на создавање почувствителна и праведна општина.
Право на помош ќе имаат жители на општина Кисела Вода кои во периодот 2024–2025 година се евидентирани од страна на Центарот за социјални работи како жртви на насилство. За тоа ќе биде потребно да се достави соодветна потврда, како и останата документација која е достапна на веб-страницата на општината, на огласните табли и во денешното издание на „Слободен печат“.
„Со оваа мерка испраќаме јасна порака дека никој не е сам. Локалната заедница стои зад секој што се соочува со насилство“, изјави Ѓорѓиевски. Тој подвлече дека е потребна општествена мобилизација, но и системска поддршка, и најави продолжување на политиките за заштита, помош и рехабилитација на жртвите.
Оваа иницијатива претставува дел од поширокиот ангажман на општината за подобрување на социјалната заштита и унапредување на еднаквоста и достоинството за сите граѓани.