ПРВ.мк
Сцена

ТРАГЕДИИ, БОЛЕСТИ И СКАНДАЛИ: Мрачната „Евровизиска клетва“ што ги прогонува победниците и учесниците!

ТРАГЕДИИ, БОЛЕСТИ И СКАНДАЛИ: Мрачната „Евровизиска клетва“ што ги прогонува победниците и учесниците!

За многумина, настапот на Евровизија е билет кон светска слава, милионска публика и музичка кариера од соништата. Но зад блескавите сцени, аплаузите и победничките трофеи, некои евровизиски ѕвезди подоцна се соочиле со трагедии, болести, несреќи и животни драми што засекогаш им ги промениле животите.

Токму поради низа шокантни приказни низ годините, на социјалните мрежи и меѓу фановите сè почесто се споменува таканаречената „евровизиска клетва“.

Меѓу најпознатите случаи е оној на норвешкиот пејач Alexander Rybak, кој во 2009 година ја освои Европа со хитот „Fairytale“ и постави рекорд по бројот на освоени поени.

Иако тогаш важеше за едно од најголемите музички откритија, години подоцна откри дека долго време водел тешка битка со зависност од антидепресиви и апчиња за спиење. Пејачот призна дека лековите сериозно му го нарушиле здравјето, психичката состојба и односите со луѓето околу него.

Тој откри дека зависноста траела повеќе од една деценија и дека во еден период речиси ја изгубил волјата за живот. Иако подоцна побарал стручна помош и успеал да се избори со проблемот, никогаш повеќе не ја достигна популарноста што ја имаше по победата на Евровизија.

Трагична судбина ја следела и британската група Bucks Fizz, победници на Евровизија во 1981 година. Само неколку години по триумфот, членовите на групата доживеале тешка сообраќајна несреќа.

Во несреќата, пејачката Шерил Бејкер го скршила ’рбетот, додека нејзиниот колега Мајк Нолан поминал неколку дена во кома. Подоцна се соочил со сериозни здравствени последици, вклучувајќи епилепсија и делумно губење на видот. Групата никогаш повеќе не успеала да го повтори успехот што го имала по Евровизија.

Шведскиот пејач Måns Zelmerlöw, кој победи во 2015 година со песната „Heroes“, исто така се најде во центар на големи контроверзии.

По разводот од сопругата, таа јавно го обвини за токсично однесување, неверство и насилство, што сериозно се одрази врз неговата репутација. Иако неговиот адвокат ги негираше обвинувањата, скандалот остави трага врз неговиот имиџ и кариера.

Тажна приказна има и унгарскиот рокер Örs Siklósi, кој ја претставуваше Унгарија со бендот AWS во 2018 година.

Само три години по настапот на Евровизија, музичарот почина од леукемија на само 29-годишна возраст. Неговите колеги открија дека непосредно пред смртта работел на својот прв соло албум и имал големи планови за иднината.

Ирската пејачка Niamh Kavanagh, која победи на Евровизија во 1993 година, исто така помина низ тежок период.

Години по победата, нејзиниот сопруг доживеал мозочен удар поради кој ја изгубил способноста за говор. Поради семејната ситуација, таа морала значително да ја намали музичката кариера и да се посвети на грижата за него.

Една од најшокантните трагедии е поврзана со рускиот хор Alexandrov Ensemble, кој настапуваше за време на гласањето на Евровизија во Москва во 2009 година.

Во 2016 година, воениот авион со кој патувале кон настап се урнал, а во несреќата загинале сите 60 членови на хорот. Трагедијата ја потресе Русија, но и музичкиот свет.

Иако многумина сметаат дека станува збор само за низа несреќни околности, фановите на Евровизија и денес зборуваат за чудната низа трагедии и скандали што ги следеле некои од најпознатите учесници и победници на најголемото музичко шоу во Европа.

Најнови вести