За ова може да се зборува со години и да се пишуваат мемоари, но ретко кога нешто се решава до крај. Парите си го прават своето, а естрадната мафија, како што велат упатените, често е над самите пејачи – па кому како ќе му се „посреќи“. Неодамнешниот случај со Здравко Чолиќ, кој наводно поради проблеми на својот брат морал да враќа стари лихварски долгови, повторно ја отвори Пандорината кутија на балканската естрадна сцена.
Се работи за длабоко преплетена мрежа што, за жал, функционира со години. Сосема логично се наметнува прашањето: колку пејачите навистина се безбедни и заштитени, или се оставени сами на себе? И тоа не само во Србија, туку и во речиси сите поранешни југословенски републики.
Српскиот „Курир“ објави дека зад бомбашкиот напад врз куќата на Чолиќ наводно стои еден од озлогласените менаџери од естрадните кругови. Според добро информиран извор, бомбата била само сериозно предупредување – порака дека не треба да се влегува во конфликти со естрадната мафија.
Но, Чолиќ не е изолиран случај.
Секси-пејачката Маја Беровиќ, на пример, соработувала со менаџер од Босна. По прекинот на бизнис-соработката, истиот наводно фрлил бомба во дворот на нејзината куќа. Ниту тоа не било доволно – откако Маја не попуштила под заканите, како „одговор“ било пукано во комбето со кое патувале нејзините музичари. За среќа, никој не бил повреден.
Според истиот извор, слична судбина имала и една од најпопуларните пејачки од Словенија – Сенидах (Хајдарпашиќ), која наскоро треба да одржи концерт во Скопје. – На еден настап во Австрија, Сенидах била симната од сцената, по што во преполна дискотека бил фрлен солзавец – тврди соговорникот. Пејачката оттогаш има засилено обезбедување и, разбирливо, е вознемирена, особено по настанот со Чолиќ.
Во естрадните кругови отворено се зборува и за проблемите на Дарко Лазиќ. Тој со години наводно имал судири со мафијата, луѓе од нарко-сцената и сомнителни менаџери, сè поврзано со големи суми пари. Според тврдењата, тие долго време ја контролирале неговата кариера. Минатата година, наводно, бил и киднапиран и малтретиран за време на приватен настап во Виена – само затоа што не го „пријавил“ настапот кај криминалните менаџери, на кои им должел огромни пари.
Пејачите, велат упатените, најчесто предоцна сфаќаат во каков валкан бизнис влегле. Откако еднаш ќе западнат во мрежата, мора постојано да одвојуваат сè поголем дел од заработката – не за музика, туку за „мир“ со естрадната мафија.















