Проектот „Македонијо, во срце те носиме“ доби ново издание со моќната изведба на Андријана Јаневска на легендарната песна „Каде сте Македончиња“. Оваа композиција, создадена од Бранко Ѓорѓиевски, долго време важеше за „химна на децата-бегалци“, посветена на македонските деца протерани од своите домови за време на воените судири во Егејска Македонија.
Првпат изведена на Фолк Фест Валандово во 1987 година од Александар Сарев, песната ја освои публиката со својата емотивност и автентичност. Со новиот аранжман на маестро Николче Мицевски, песната добива свежо звучење, но ја задржува историската тежина и силната порака за правдата и копнежот по родната грутка.
Проектот „Македонијо, во срце те носиме“, под закрила на Скендеровски продукција, е повеќе од музика – тоа е културна мисија и патриотски повик кој ги оживува македонските корени. Преку преработката на безвременски хитови како „Не кажувај либе добра ноќ“, „Како пиреј“ и „Горда Македонка“, проектот ја зацврстува македонската традиција и ја пренесува љубовта кон татковината.
Изведбата на Андријана Јаневска на „Каде сте Македончиња“ е доказ дека музиката е живо сведоштво за македонската историја, култура и непокор – и ќе ве остави без здив.