Прилеп и Битола наскоро треба да бидат опфатени со системот „Safe City“, најави директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, при денешната посета на Одделението за внатрешни работи во Прилеп.
Според Јанев, во тек е подготовката на проектната документација, а имплементацијата на системот во подрачјето на Секторот за внатрешни работи Битола се очекува да започне во наредните месеци.
Планирано е системот да опфати повеќе од 40 точки, меѓу кои и локации во градот Прилеп.
Јанев посочи дека целта не е само подобра контрола на сообраќајот, туку и зголемување на целокупната ефикасност на полицијата.
„Safe City“, според него, треба да овозможи подобро откривање на кривични дела, превентивно делување, утврдување докази и факти за идни постапки, но и поефикасно одржување на јавниот ред и мир и заштита на урбаната инфраструктура.
Јанев: Се намалува бројот на жртви во сообраќајот
Директорот на БЈБ истакна дека веќе се забележува позитивен тренд во сообраќајот, односно намалување на бројот на жртви во сообраќајни несреќи.
Тој ги пофали граѓаните за, како што рече, подобрувањето на сообраќајната култура и апелираше сите учесници во сообраќајот – возачи, пешаци и велосипедисти – доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и сигнализацијата.
„Safe City“ во иднина треба дополнително да се надградува со нови технолошки алатки, со цел полицијата да биде поефикасна на терен.
Намалување на насилниот криминал во Прилеп
Одговарајќи на новинарско прашање за безбедносната состојба во Прилеп, Јанев оцени дека бројките покажуваат позитивен тренд и намалување на насилниот криминал.
Според него, намалување на извршувањето на кривични дела од областа на насилниот криминал се бележи не само на подрачјето на ОВР Прилеп, туку и пошироко, на територијата на СВР Битола.
Воведувањето на „Safe City“ во Прилеп и Битола, според најавите, треба дополнително да придонесе за зголемување на безбедноста и поефикасно работење на полициските служби.










