ПРВ.мк

Коњановски: Регионалниот центар за управување со отпад е единственото одржливо решение

Коњановски: Регионалниот центар за управување со отпад е единственото одржливо решение
Vero

На денешниот Регионален форум на заедницата за Пелагонискиот регион, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, потенцираше дека воспоставувањето на Регионален центар за управување со отпад е единствениот одржлив и реален чекор кон решавање на децениските еколошки проблеми.

„Ниту една општина сама не може да се справи со управувањето со отпадот. Сите ја прифативме идејата за заедничка регионална депонија уште во 2018 година, знаејќи дека нема друго решение, ниту во Македонија, ниту во Европа,“ изјави Коњановски. Тој потсети дека тогаш како советник, едногласно со сите други колеги одлучиле дека само заеднички може да се обезбедат потребните ресурси, со оглед на тоа што изградбата на современа депонија чини околу 40 милиони евра, од кои Битола треба да обезбеди околу 4,5 милиони.

Коњановски објасни дека физибилити студиите покажале дека регионалниот систем треба да опфати минимум 250.000 жители за да биде финансиски одржлив. „Тоа е пракса насекаде во светот и тоа е патот што мораме да го следиме. Мора да излеземе од сегашната состојба со нерегулирани ѓубришта и да изградиме современ систем што ќе ги исполнува европските стандарди,“ рече тој.

Форумот, што се одржа во рамките на проектот „Регионално партнерство за подобро спроведување на Зелената Агенда на локално ниво“, собра претставници на повеќе општини, институции и граѓани, кои дебатираа за потребата од воспоставување на функционален и еколошки безбеден систем за управување со отпад во Пелагонискиот регион.

Настанот покажа дека постои силна волја и локално разбирање дека модерно управување со отпадот е приоритет не само за заштита на животната средина, туку и за здравјето на граѓаните.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран