Во Битола денес започнаа градежните активности за асфалтирање на пет краци на улицата „Буковски Мост“, како дел од договорот меѓу Општина Битола и компанијата ЈоскаТранс – Трејд ДООЕЛ, која е ангажирана како изведувач.

Според проектната документација, вкупната должина на делниците што ќе бидат асфалтирани изнесува 269,6 метри. Покрај асфалтирањето, проектот предвидува и нивелирање на капаците на постоечките шахти и сливници, со цел усогласување со висинските коти и обезбедување ефикасно одводнување на атмосферските води.

Проектот, вреден 3.246.919 денари, претставува дел од континуираните напори на Општина Битола за подобрување на уличната инфраструктура и условите за живеење во урбаните и приградските населби.
Од локалната самоуправа најавуваат дека ваквите инфраструктурни зафати ќе продолжат и во наредниот период, со цел зголемување на безбедноста и функционалноста на сообраќајната мрежа во градот.