Дел од ракетата на американската компанија „СпејсИкс“ (SpaceX), чиј основач е милијардерот Илон Маск, би можел на почетокот на август случајно да удри во Месечината, покажуваат пресметките на американските астрономи и експертите од вселенската агенција НАСА. Тие активно го следат движењето на остатокот од ракетата, додека сè уште се проценува дали евентуалниот удар ќе може да се види од Земјата.
Според експертите, горниот степен од ракетата „Фалкон 9“ (Falcon 9), која компанијата „СпејсИкс“ ја лансираше во јануари 2025 година, би можел да се судари со Месечината на 5 август.
Таа ракета тогаш лансираше два уреди за слетување на површината на Месечината, а делот што остана во вселената сега се наоѓа на патека која би можела да доведе до ненамерен удар, пренесува Euronews.
Американскиот астроном Бил Греј и НАСА предупредија на можноста од овој судир. Специализираниот портал Space.com наведува дека Институтот на НАСА за виртуелни истражувања на Сончевиот систем (SSERVI) организирал и панел-дискусија за овој можен настан.
Има маса од 4 тони и се движи со брзина над 2 km/s
Експертите сè уште разгледуваат дали евентуалниот удар ќе биде видлив од Земјата.
Според проценките, делот од ракетата би можел да удри на самиот раб од видливиот дел на Месечината. Облакот од прашина што би настанал при ударот би можел да биде осветлен од Сонцето и да стане забележлив од Земјата. Горниот степен на „Фалкон 9“ има маса од околу четири тони и во моментов се движи со брзина поголема од два километри во секунда.
Дали ќе може да се набљудува од Земјата?
Од НАСА, сепак, оценуваат дека шансите за директно набљудување на ударот од Земјата се многу мали.
„Мислам дека ќе биде многу, многу тешко да се види, ако не и невозможно“, изјави Вилијам Кук од НАСА.
Ударите во Месечината се случуваат и во рамки на научни истражувања, но таквите настани вообичаено се однапред планирани и се користат за проучување на површината на единствениот природен сателит на Земјата.










