Британскиот Национален центар за сајбер безбедност (NCSC) објави голема промена во своите препораки за дигитална безбедност, повикувајќи ги корисниците постепено да се откажат од класичните лозинки и да преминат на нова технологија – т.н. „passkeys“ или клучеви за пристап.
Овој чекор се смета за значаен пресврт во начинот на кој луѓето ќе се најавуваат на дигитални услуги, со цел да се зголеми безбедноста и да се поедностави целиот процес. Наместо комбинации од букви, броеви и симболи што лесно се забораваат или се крадат, новиот систем се базира на посовремена и потешко пробивачка технологија.
Од Национален центар за сајбер безбедност (NCSC) порачуваат дека корисниците повеќе нема да треба да се мачат со запомнување лозинки за секоја услуга посебно, бидејќи клучевите за пристап нудат побрз и побезбеден начин на најавување.
Според Џонатан Елисон, еден од директорите во центарот, ова претставува важен чекор напред во заштитата на корисниците од современи сајбер закани.
Тој истакнува дека долгогодишниот проблем со лозинките конечно може да стане минато, бидејќи новата технологија овозможува полесно користење без компромис со безбедноста.
Владата на Обединето Кралство веќе најави дека ќе започне со имплементација на клучеви за пристап во своите дигитални услуги, со очекување дека тоа ќе донесе значителни заштеди и поголема ефикасност во системите.
Сепак, за платформите кои сè уште не ја поддржуваат оваа технологија, експертите советуваат продолжување со користење на менаџери за лозинки и задолжителна двофакторска автентикација како дополнителен слој на заштита.
Овој тренд укажува дека дигиталната безбедност влегува во нова фаза, каде удобноста и заштитата конечно се обидуваат да одат рака под рака.








