Службата за борба против високотехнолошки криминал при српското МВР упати итно предупредување до граѓаните по безбедносен инцидент поврзан со платформата „Booking.com“, кој отвора ризик од сериозни онлајн измами.
Иако, според првичните информации, податоците за платежните картички не се директно компромитирани, хакерскиот упад овозможил пристап до лични информации на корисниците – имиња, контакт-податоци и детали од резервации. Овие податоци можат да бидат злоупотребени за фишинг напади и лажни пораки кои изгледаат автентично.
КАКО ФУНКЦИОНИРА ИЗМАМАТА
Криминалците најчесто испраќаат пораки во кои се претставуваат како хотел или како самата платформа, барајќи „верификација на картичка“ или „итна уплата“. Бидејќи користат вистински податоци од резервацијата, пораките изгледаат убедливо и тешко се препознаваат како измама.
АПЕЛ ДО ГРАЃАНИТЕ
Надлежните препорачуваат:
- внимателно следење на трансакции од платежни картички
- веднаш при сомнителна активност – блокирање на картичката и контакт со банката
- избегнување споделување податоци преку е-пошта, СМС или апликации
- по потреба – намалување на лимитите за онлајн плаќања
Од службите предупредуваат дека во вакви случаи реакцијата мора да биде брза, бидејќи измамите најчесто се случуваат во краток временски период по кражбата на податоци.









