Македонска банкарска асоцијација соопшти дека од 1 март 2026 година започнува примената на засилена автентикација на корисниците (Strong Customer Authentication – SCA) при извршување одредени платежни трансакции, согласно Законот за платежни услуги и платни системи. Со законот во домашното законодавство е транспонирана европската Директива (ЕУ) 2015/2366 за платежни услуги на внатрешниот пазар (PSD2).
Новите правила ќе важат за платежни трансакции иницирани на далечина, односно за:
- плаќања со платежни картички при електронска трговија;
- кредитни трансфери иницирани преку интернет-банкарство или мобилни апликации.
Целта на засилената автентикација е зголемување на безбедноста на електронските плаќања, намалување на ризикот од неовластени трансакции и посилна заштита на корисниците. Дигиталните плаќања ќе продолжат да се извршуваат непречено, но со дополнителен безбедносен чекор.
Засилената автентикација се темели на примена на најмалку два од три независни елементи:
- Елемент на знаење – нешто што го знае корисникот, како лозинка или ПИН;
- Елемент на поседување – нешто што го поседува корисникот, како мобилен уред, токен или платежна картичка;
- Елемент на својство – нешто што е својствено за корисникот, како биометриски податоци (отпечаток од прст или препознавање лице).
Досегашните начини на потврдување трансакции, како еднократни кодови испратени преку СМС или електронска пошта во рамки на 3-D Secure решенијата, ќе бидат заменети или унапредени со посовремени механизми во согласност со барањата за засилена автентикација.
Секоја банка, во рамки на законската регулатива и сопствените технички можности, самостојно ќе го дефинира моделот и комбинацијата на елементи што ќе ги применува. Поради тоа, начинот на автентикација и корисничкото искуство може да се разликуваат од банка до банка.
Во процесот на воведување на новите правила, банките ќе ги информираат и едуцираат клиентите за конкретните решенија и чекорите што ќе треба да ги преземат при извршување платежни трансакции, преку сопствените комуникациски канали.
Од Македонската банкарска асоцијација истакнуваат дека примената на засилената автентикација претставува значаен чекор кон усогласување на платниот систем со европската регулаторна рамка и придонесува за зголемена сигурност, доверба и заштита на корисниците при користење современи електронски платежни услуги.

















