Зелен Хуман Град (ЗХГ), преку својот градски советник Марјан Калевски, денес поднесе иницијатива за забрана на употребата на огномети на територија на Град Скопје.
„Со оваа иницијатива се предлага целосна забрана на употребата на експлозивни материјали за прослави и забава од страна на физички и правни лица – практика која со децении ја загрозува животната средина, како и здравјето и безбедноста на луѓето и животните“, соопштија од ЗХГ.
Според активистите, огнометите ослободуваат големи количини PM2.5 и PM10 честички, токсични гасови како CO, SO₂, NOx, како и тешки метали (бариум, бакар, стронциум и олово) кои загадуваат почва, воздух и вода. Последиците најмногу ги погодуваат најранливите групи – деца, бремени жени и лица со хронични респираторни и кардиоваскуларни заболувања.
Тие исто така посочуваат дека бучавата и интензивната светлина од огнометите предизвикуваат сериозни психолошки и сензорни реакции, како анксиозност, панични напади, флешбекови кај лица со посттрауматски стрес, сензорен колапс кај лица со аутизам и ризик од епилептични напади кај фотосензитивни лица.
Последиците врз животните се драматични – околу 70–75% од домашните миленици доживуваат силен страв, тресење, паника, обиди за бегство и повреди, а кај дивите животни се регистрирани масовни угинувања, особено кај птиците. Огнометите предизвикуваат висок стрес, дезориентација и смрт кај животните.
ЗХГ нагласува дека, иако Законот за заштита од експлозивни материјали веќе забранува употреба без дозвола, овој закон речиси никогаш не се почитува. Локалната власт, според Законот за Град Скопје, е должна да ги заштити воздухот, водата, почвата и природата, како и да спречува бучава.
„Забраната на огномети е неопходна и одамна задоцнета мерка. Огнометите значат нарушено здравје, покачено загадување, ризик од пожари и малтретирање на животните. Сè повеќе градови во светот преминуваат на алтернативни визуелни форми на прослави кои не предизвикуваат штета“, велат од ЗХГ и повикуваат сите советнички групи во Советот на Град Скопје да ја поддржат иницијативата.
Иницијативата доаѓа во време кога во Македонија се отвори јавна дискусија за опасностите од огнометите. За споредба, Холандија годинава изгласа забрана за купување, продажба и користење на пиротехнички производи со среден и висок ризик, мерка која ќе стапи на сила од новогодишната ноќ 2026–2027 година.
Регулативи за забрана или строга контрола на огномети веќе важат во Белгија, Германија, Велика Британија и Ирска, главно поради заштита на животните, мирот во заедниците и намалување на здравствени ризици.















