Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Берлин упати драматично предупредување дека земјите членки на Алијансата би можеле да станат следната цел на Русија, доколку Европа не дејствува навреме.
На прес-конференција, Руте истакнал дека НАТО мора да вложи максимални напори за да спречи можен конфликт од размери кои потсетуваат на војните што ги доживеале постарите генерации. Според него, многу членки на Алијансата сè уште не ја чувствуваат доволно сериозно заканата што Русија ја претставува за континентот.
Тој бил јасен:„Ние сме следната цел на Русија. Премногу луѓе сметаат дека времето работи во наша корист. Не работи. Време за акција е сега.“
Руте посочил дека Русија би можела да биде подготвена да употреби воена сила против НАТО во наредните пет години, додавајќи дека САД и Европа мора да останат единствени кога станува збор за поддршката на Украина.
„Америка не може да биде безбедна без безбедна Европа“, нагласил тој.
Иако на самитот на НАТО во Хаг оваа година беше донесена одлука за забрзување на распределбата на средствата за одбрана, Руте предупредил дека „ова не е време за самодоволност“.
„Премногу луѓе се тивко задоволни од ситуацијата. Одбранбените трошења и производството на оружје мора брзо да растат. Нашите армии мора да имаат сè што им е потребно за да нè заштитат“, изјавил тој.
Тој додал дека Русија станала „уште побезобразна и посурова“ како кон Украина, така и кон НАТО. Потсетил и на зборовите на Роналд Реган за „злобната империја“, сугерирајќи дека денешната постапка на Кремљ повторно оди во насока на империјално проширување под водство на Владимир Путин.
Според Руте, Путин во својата „искажена визија“ смета дека европската слобода е закана за неговата моќ и дека Европа наводно сака да ја уништи Русија – верување кое го прави ситуацијата уште поризична.
Генералниот секретар истакнал дека и покрај новата Национална безбедносна стратегија на САД, Вашингтон останува цврсто посветен на Европа и НАТО.
По средбата со германскиот канцелар Фридрих Мерц, Руте нагласил дека постои јасен сигнал од европските партнери: континентот е подготвен да преземе поголема одговорност во одбраната.
На крајот, тој ги повикал европските земји да го зголемат одбранбениот буџет и да се подготват за, како што рече, „спротивставување на Русија“ доколку ситуацијата ескалира.
















