Во текот на вчерашниот ден во СВР Куманово биле пријавени три одделни случаи на врсничко насилство во основни училишта на подрачјето на Куманово.
Првиот случај бил пријавен во 14:09 часот од страна на 31-годишната А.С., која навела дека во училишниот двор на основно училиште во селото Долно Којнаре, нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од друг малолетник.
Претходно, во 12:45 часот, 33-годишната М.С. од селото Доброшане пријавила дека на 27 февруари, околу 13:30 часот, во основно училиште во Куманово, нејзината малолетна ќерка била физички нападната од соученици.
Во трет случај, 35-годишна жена од кумановско пријавила дека нејзиниот 12-годишен син подолг период бил малтретиран од соученик. Според пријавата, ученикот бил навредуван и исмејуван, а во еден случај бил поттикнуван да скокне од прозорец во училницата. Мајката навела дека син ѝ го информирал училишниот педагог, но не биле преземени мерки ниту пак таа била известена.
Малолетникот бил прегледан во кумановската болница и во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, по што бил хоспитализиран на Клиниката за психијатрија.
Од СВР Куманово информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случаите.


















