Сопружниците Стојанче Јовановски и Ивана воделе три бракоразводни постапки пред Граѓанскиот суд, покажуваат податоците до кои дошол „Слободен печат“. Во првата постапка разводот го иницирала Ивана, но подоцна ја повлекла тужбата. Во втората постапка, која се однесува на спогодбен развод, таа била еден од предлагачите и предметот сè уште е во тек. Во третата постапка, развод побарал сопругот, а и тој предмет е активен.
Покрај бракоразводните постапки, Јовановски водел и два граѓански предмети во кои барал надомест на штета.
Според информациите од Кривичниот суд, тој има две правосилни пресуди. Првата, под број К.530/25, се однесува на кривично дело „Напад врз службено лице при вршење работи на безбедност“, за што бил осуден на парична казна од 150 евра. Втората пресуда, К.1156/23, е за кривично дело „Насилство“, за што му е изречена условна осуда со заштитен надзор од една година и шест месеци затвор, која нема да се реализира доколку во наредните четири години не стори ново кривично дело. Двете пресуди се потврдени од Апелациониот суд Скопје.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски претходно изјави дека против Јовановски имало 10 кривични пријави.
Според информациите на „Слободен печат“, два часа пред трагедијата, Ивана пријавила во полиција дека била физички нападната од сопругот. Нападот наводно бил снимен од безбедносни камери. Кога полицијата пристигнала, таа сепак изјавила дека немало физички контакт.
Подоцна, во стан во населбата Тафталиџе, Ивана го завршила својот живот и животот на својата ќерка Катја.
Надлежните институции продолжуваат со постапките за целосно утврдување на сите околности поврзани со случајот.


















