Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во последните десетина дена спроведе 445 инспекциски контроли и изрече забрани за вршење на дејност на 15 објекти за храна, меѓу кои сендвичарници, бурекџилници и продавници, лоцирани во Скопје, Битола, Велес, Штип, Прилеп, Струмица, Скопје, Охрид и Струга. Објектите се наоѓале во близина на основни и средни училишта, каде учениците најчесто купуваат храна.
Во рамките на контролите, АХВ заплени и уништи 696 килограми небезбедна храна од непознато потекло. Дополнително, инспекторите утврдиле низа неправилности: 19 оператори ставале во промет небезбедни производи, 30 објекти имале незадоволителни хигиенски услови, а 26 оператори не биле регистрирани како легални субјекти за работа со храна.
Шеснаесет оператори немале имплементирано процедури за добра хигиенска и производствена пракса, 32 не ги спровеле задолжителните здравствени прегледи на вработените, тројца не ја вршеле редовната дезинфекција, дезинсекција и дератизација, а седум објекти не ги исполнувале техничките услови за работа. Несоодветно означување на храната е констатирано кај седум оператори.
За утврдените неправилности, изречени се парични казни за 77 оператори во вкупна вредност од 36.470 евра во денарска противвредност, како и 103 решенија со наредби за отстранување на утврдените недоследности и 23 опомени.
Од АХВ истакнуваат дека акцентот на контролните акции бил ставен на објектите во непосредна близина на училиштата, со цел заштита на здравјето на учениците и спречување на распространување на небезбедна храна на пазарот.
















