Во раните утрински часови, околу 3 часот по полноќ, целосно изгоре возилото на Ѓорги Галетановски – Чомбе, претседател на скопската организација на СДСМ и поранешен директор на Зоолошката градина во Скопје. Инцидентот се случи пред зградата во која Галетановски живее, во скопската населба Кисела Вода.
Како што изјави Галетановски за „Слободен печат“, тој бил разбуден од својот брат кој го известил за пожарот на неговиот автомобил, а звучале и експлозии, најверојатно од пукнатите гуми. По дојавата, веднаш интервенирала противпожарна екипа која го изгасила огнот. Според сведоци, било забележано лице кое побегнало од местото на настанот, а опишано е како висок и слаб маж, облечен во дуксерка.
Галетановски изјавил дека автомобилот е целосно уништен, но и дека лицето кое го извршило ова е видено како бега, а позната е траекторијата на неговото движење. Тој додал дека нема никакви конфликти со никого и никогаш не бил под закани.
„Очекувам брза реакција од Министерството за внатрешни работи. Овој инцидент не се однесува само на материјална штета, туку и на безбедноста на граѓаните. Не сакам младите во Кисела Вода да растат во таква средина, туку сакаме мирен живот, не само туку и во цело Скопје“, истакнал Галетановски.
Полицијата го изврши увидот на местото на настанот, а истрагата продолжува. Галетановски апелираше до Министерството за внатрешни работи и министерот за внатрешни работи да го откријат сторителот што поскоро.