Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, денеска го потпиша Меморандумот за соработка со вршителот на должност директор на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов.
Целта на овој Меморандум е да се воспостави партнерство помеѓу двете институции за обезбедување на државно земјоделско земјиште, кое ќе се додели на стопанско-инструкторските одделенија во казнено-поправните установи. Овие одделенија се дел од секторите за ресоцијализација и ќе го користат земјиштето за вршење на земјоделска дејност.
Оваа иницијатива е значаен чекор напред во ресоцијализацијата на осудените лица, бидејќи ќе им овозможи стекнување на практични и корисни вештини во земјоделството, што ќе ги подготви за полесно вклучување во општеството по издржувањето на казната.
Со оваа соработка се создаваат подобри услови за ресоцијализација и професионален развој, што е од клучно значење за намалување на рецидивизмот и успешна реинтеграција на поранешните затвореници во заедницата.