За три години на патиштата загинале 457 лица – ревизија открива слаба ефикасност на мерките за безбедност
Во периодот од 2020 до 2023 година, на државните патишта во земјава се регистрирани вкупно 31.176 сообраќајни несреќи, при што животот го загубиле 457 лица, покажува најновиот извештај на Државниот завод за ревизија.
И покрај тоа што надлежните институции преземаат одредени мерки и активности за унапредување на сообраќајната безбедност, ревизорите оценија дека нивната ефикасност е недоволна, особено кога се споредува со посакуваните стандарди на национално и европско ниво.
Без стратегија за патиштата уште од 2008 година
Во извештајот се посочува и сериозен институционален пропуст – иако Собранието има законска обврска, на предлог на Владата, да усвои стратегија за развој и одржување на патната инфраструктура, таков документ сѐ уште не е донесен, и тоа речиси две децении по законското задолжување од 2008 година.
Контроли има, но прекршоците се повторуваат
Податоците од софтверската апликација на Министерството за внатрешни работи укажуваат дека во периодот од 2019 до 2023 година, полициските службеници годишно контролирале во просек околу 730.000 возачи, што претставува значителен обем на надзор.
Сепак, најчестите сообраќајни прекршоци остануваат пречекорување на дозволената брзина и игнорирање на затворен светлосен сигнал. Покрај тоа, најголем број исклучувања од сообраќајот се должат на управување без возачка дозвола и возење под дејство на алкохол.
Повеќето несреќи – во сончево време и во населени места
Според анализата на несреќите во периодот 2020–2023 година, 59% се случиле дење, 45% при сончево време, 63% на улици во населени места, а дури 79% на сув коловоз. Овие податоци, како што наведуваат ревизорите, јасно укажуваат дека лошите патни услови не се примарната причина за настанување на сообраќајните несреќи, туку човечкиот фактор останува доминантен.