ПРВ.мк
Македонија

Во недела нема да се гласа во овие 4 општини

Во недела нема да се гласа во овие 4 општини

Жителите на Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше нема да гласаат за градоначалник оваа недела, бидејќи во првиот круг од Локалните избори 2025 не беше постигнат законскиот цензус за излезност.

Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека за овие општини ќе мора да се спроведе нова изборна постапка, откако излезноста во првиот круг не достигна најмалку 33,33 проценти од запишаните гласачи.

Излезноста по општини изгледа вака:

  • Центар Жупа: само 21,49 проценти, најниска излезност
  • Врапчиште: 25,18 проценти
  • Маврово и Ростуше: 30,31 проценти
  • Гостивар: 33,31 проценти, недостигаа само 0,02 проценти за цензус

Согласно Изборниот законик, ако овој праг не се достигне, целата изборна постапка мора да се повтори. Новите избори ќе се одржат најдоцна 60 дена по објавувањето на конечните резултати од Локалните избори 2025, а при повтореното гласање нема да се бара минималниот праг на излезност.

Вториот изборен круг за останатите општини ќе се одржи в недела, кога ќе се избираат градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје. Во првиот круг, градоначалници беа избрани во 44 општини.

Escape