Од утре, 12 октомври, системот за сообраќаен надзор „Безбеден град“ ќе започне да функционира и на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Охрид, односно во Охрид, Струга, Кичево и Дебар.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека техничките проверки и завршните тестирања се завршени, по што камерите на системот ќе бидат активирани на сообраќајниците во овој регион.
Со воведувањето на системот, според МВР, се очекува да се овозможи постојан и поинтензивен надзор во сообраќајот, побрзо регистрирање на прекршоците, поголема дисциплина кај возачите и подобрување на безбедноста на патиштата.
„По извршените технички проверки и финалните тестирања, камерите на системот ќе бидат ставени во функција на сообраќајниците на подрачјето на СВР Охрид“, наведуваат од Министерството за внатрешни работи.
Од МВР упатуваат апел до сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат правилата и прописите и со внимателно и одговорно однесување да придонесат за побезбедни патишта.
Системот „Безбеден град“ на национално ниво е во употреба од 1 февруари годинава. По неговото воведување следувал период на приспособување во траење од два и пол месеци, во кој граѓаните биле информирани и контролирани во однос на сообраќајните прекршоци, додека системот бил подложен на тестирање и дополнителни унапредувања.
Според информациите што министерот за внатрешни работи ги соопштил при неодамнешната посета на Охрид, бројот на повредени лица во сообраќајни несреќи годинава е намален за 20 проценти во споредба со истиот период минатата година. Воедно, биле евидентирани и 34 жртви помалку, според податоците што ги презентирал министерот.








