Состојбата со снабдувањето со горива во државата е стабилна и нема никаква потреба од ограничување на точењето, порача премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ги актуелните состојби на пазарот со нафта и нафтени деривати.
Тој истакна дека во моментов нема никакви нарушувања во синџирот на снабдување и дека државата располага со доволни количини горива за нормално функционирање на економијата и за потребите на граѓаните.
Според неговите изјави, земјата во овој момент има една од најниските цени на горива во регионот, што, како што посочи, доведува и до зголемена потрошувачка, особено во пограничните области. Поради разликата во цените со соседните држави, дел од граѓаните од регионот доаѓаат да точат гориво, што дополнително го зголемува прометот на бензинските станици.
Мицкоски нагласи дека потрошувачката во одредени денови е зголемена и до 30 проценти, но и покрај тоа, резервите и снабдувањето остануваат стабилни. Тој посочи дека државата има обезбедено доволни количини и преку државните резерви, како и преку постојниот цевководен систем кој ја поврзува рафинеријата ОКТА со Солунското пристаниште, кој, според него, функционира непречено.
Дополнително, премиерот истакна дека дел од производството, како керозинот, се користи и за снабдување на аеродроми во регионот, што дополнително ја потврдува улогата на земјата како стабилен снабдувач во енергетскиот сектор.
На прашањето дали постои можност за воведување ограничувања на точење гориво во пограничните подрачја поради зголемена побарувачка, тој повтори дека засега таква мерка не се разгледува и дека нема индиции за недостиг или нарушување на пазарот.










