Општина Кавадарци продолжува со континуирани вложувања во подобрување на инфраструктурата, при што овој пат фокусот е ставен на модернизација на уличното осветлување во повеќе делови од градот.

Од надлежното одделение за улично осветлување информираат дека веќе е започната поставка на нова светлосна мрежа на неколку локации во градското подрачје, со што се продолжува повеќегодишниот процес на уредување и осовременување на јавниот простор.
Проектот опфаќа инсталација на целосно нов систем со енергетски ефикасни LED светилки, кои треба да придонесат за подобра видливост, поголема безбедност и намалена потрошувачка на електрична енергија.

Во оваа фаза, работите се изведуваат на Западен булевар (во близина на „Макпетрол“), а планот предвидува проширување и на улицата „Пане Иванов“, како и на булеварот „Мишо Шкартов“, каде исто така ќе се постави ново осветлување.
Вредноста на договорот изнесува 1.998.802 денари со вклучен ДДВ, а изведувач на работите е фирмата „Елмонд Електро“ од Скопје.
Со овие инвестиции, локалната самоуправа најавува продолжување на процесот на модернизација на градот и создавање поуредена и посигурна урбана средина за граѓаните.










