ПРВ.мк
Македонија

(ВИДЕО) Тишина што ја скрши ноќта во Кочани: Во 02:32 часот градот застана – минута молк за 63-те жртви од трагедијата во „Пулс“

(ВИДЕО) Тишина што ја скрши ноќта во Кочани: Во 02:32 часот градот застана – минута молк за 63-те жртви од трагедијата во „Пулс“
Kristal

Со длабока тишина и силни емоции, жителите на Кочани синоќа се собраа за да им оддадат почит на трагично загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“. Точно во 2 часот и 32 минути – моментот што засекогаш го промени градот – присутните застанаа во минута молк, потсетувајќи се на 63-те животи кои згаснаа во една од најголемите трагедии што ја потресе заедницата.

Собирот беше исполнет со тишина, но и со силни пораки за сеќавање и почит. Организаторите повикаа сите присутни да застанат заедно во знак на почит кон жртвите и да го одбележат моментот кој остави неизбришлива трага во историјата на градот.

„Да застанеме заедно во тишина за нашите 63 ангели. Во 02:32 часот, моментот што засекогаш го промени Кочани, ќе оддадеме почит со минута молк. Нека светлината сведочи дека не забораваме. Нека тишината зборува за љубовта што останува“, порачаа од здружението на граѓани „16 Март 2025“, кое го организираше собирот пред дискотеката.

Настанот се одржа токму пред објектот каде што пред една година избувна пожарот во дискотеката „Пулс“. Во трагедијата животот го загубија 63 лица, додека околу 200 беа повредени, оставајќи зад себе семејства, пријатели и цел град во длабока болка.

Пред дискотеката беа поставени срциња со испишани имиња на сите загинати, создавајќи силна и емотивна глетка што потсетува на изгубените животи. Светлината од свеќите и тишината на присутните беа симбол на сеќавање, почит и ветување дека жртвите никогаш нема да бидат заборавени.

ВИДЕО

SWM
Pharmanova
FixCredit
Escape
Mia Home Mavrovo