Уште едно бесправно изградено здание утрово беше урнато на територијата на Општина Гази Баба, откако сопственикот продолжил со градежни активности и покрај издаденото решение за запирање на изградбата. Акцијата започнала рано наутро, точно во 05:00 часот, со ангажирање на механизација и поддршка од надлежните институции.
Од Општина Гази Баба информираат дека уривањето е спроведено во координација со Министерството за внатрешни работи и со фирма задолжена за рушење на објекти, а целта е доследно спроведување на законите и спречување на понатамошно ширење на дивоградби.
Градоначалникот Бобан Стефковски преку објава на социјалните мрежи појасни дека станува збор за објект кој бил изграден бесправно и во моментот на интервенцијата се наоѓал во приземје, во таканаречена карабина фаза. И покрај тоа што градежниот инспектор издал решение за запирање на градбата и градилиштето било официјално затворено, сопственикот продолжил со градежните работи, со што директно го прекршил законот.
Во рамки на истата акција, како што информира Стефковски, било спречено и започнување на изградба на уште два нови објекти на истата локација. Тие биле во почетна фаза, со веќе ископани темели, веднаш до објектот кој беше предмет на уривање.
Градоначалникот упати и јасен апел до сите граѓани да не започнуваат со градење без соодветно одобрение од општината, нагласувајќи дека локалната власт нема да прави компромиси со оние кои ги кршат законските прописи.
Ова е втора акција за рушење на бесправна градба во Општина Гази Баба во рок од само седум дена, што, според надлежните, е дел од засилените контроли и мерки за воведување ред во урбаното планирање и заштита на јавниот интерес.















