Општина Велес започнува нова иницијатива за подобрување на чистотата и одржувањето на животната средина во руралните делови на општината. Во соработка со Бирото за регионален развој, обезбедени се 1150 нови пластични канти за отпад, кои ќе бидат доставени до домаќинствата преку ЈКП „Дервен“.
Градоначалникот Марко Колев истакна дека проектот има за цел не само да овозможи практично собирање на отпадот, туку и да ја подигне свеста кај жителите за значењето на чистата и здрава животна средина. „Со оваа акција сакаме да поттикнеме одговорно одложување на отпадот и заштита на природата, особено во нашите рурални заедници каде ваквите активности се најпотребни“, рече Колев.
Канти ќе бидат распределувани директно до домаќинствата, со што ќе се овозможи полесно и поорганизирано собирање на отпадот. Локалните власти нагласуваат дека со редовно користење на новите канти, се очекува да се намали дивото фрлање на отпад, што долго време претставува проблем во селските области.
Оваа иницијатива е дел од пошироките планови на општината за одржување на чисти и еколошки свесни рурални заедници, и се очекува да биде само прв чекор во подигнување на еколошката култура и заштита на животната средина во Велес.

















