Актуелниот лидер во Првата македонска лига, ФК Вардар, официјално прифати понуда од американскиот клуб Спортинг Канзас Сити за трансфер на својот репрезентативец на Уганда, Роџерс Мато. Според клупското соопштение, понудата се движи околу милион долари, а Мато би можел да добива плата од околу 40.000 долари месечно, плус бонуси.
Трансферот доаѓа само еден ден откако шкотскиот премиерлигаш Хартс објави дека обезбедил договор со Мато, кој би се приклучил на нивниот тим во јуни, кога му истекува актуелниот договор со Вардар.
Во соопштението на клубот се истакнува дека трансферот ќе донесе корист и за Брера Струмица, која според договорот има право на 20% од продажната цена.
Мато, кој со 12 голови е најефикасен фудбалер во есенската полусезона во ПМФЛ, не се приклучи на подготовките на Вардар во Турција, откако настапи со Уганда на Африканскиот Куп на нации.

















