Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ најави нова граѓанска блокада во Скопје, како продолжение на борбата против континуираното загадување и институционалното молчење. Настанот е закажан за среда, 21 јануари, со почеток во 18:00 часот, на раскрсницата меѓу булеварите „Борис Трајковски“ и „Србија“ во правец кон Усје.
„Затоа што воздухот нема да се исчисти сам! Дојди на блокада!“, велат од иницијативата, повикувајќи ги граѓаните да се приклучат на протестот.
Ова не е прв пат граѓаните да реагираат – минатата година беа организирани слични блокади и протести, насочени кон Цементарниц Усје, кој континуирано го загадува воздухот во Скопје. Целта е јасна: запирање на труењето на жителите и присилување на надлежните институции да реагираат.
Иницијативата го користи овој настан како начин да го подигне јавниот притисок и да ја направи јавноста свесна за сериозноста на проблемот со загадувањето, кое влијае на здравјето на граѓаните и квалитетот на животот во главниот град.

















